Во земјата се најавуваат построги услови за работа, движење, школување и други активности. Така условот „преболени, вакцинирани, тестирани“ ќе биде основното мерило за дејствување на здравството, социјалните установи, спортот и јавниот живот генерално, изјави денес за Словенечкото радио директорот на словенечкиот Институт за јавно здравје Милан Крек.
Бидејќи државата на 23 август престанува да плаќа за тестирањата за коронавирусот, тоа значи дека тој трошок ќе падне во претпријатијата или на грбот на работодавците или на вработените, што значи дека ако не се вакцинирани може да добијат и отказ ако работодавците не го преземат тој трошок, кажа Крек истакнувајќи дека вакцинираноста во земјата е далеку под посакуваната.
Словенечката влада објави дека со новите податоци Словенија влегла во таканаречената портокалова фаза на епидемијата на ковид-19 на листата на Европскиот центар за контрола на болести (ЕЦДЦ) и повторно предупреди на потребата од што помасовно вакцинирање на населението, за што се обезбедени и бројни мобилни екипи.
Според податоците на министерството за здравство, меѓу новозаразените во последно време има најмногу млади на возраст од 15 до 24 години, и поради позаразниот делта сој вакцинираноста на есен би требало да биде далеку над сегашните 40 отсто од населението, односно меѓу 80 и 90 отсто од популацијата.






