Авионот со амбасадорот Анатоли Антонов полета од Москва утринава во 9:20 по локално време, јавија руските агенции.
„Имајќи ги предвид резултатите на средбата на двајцата претседатели, сметам на конструктивна работа со своите американски колеги на изградбата на односите на рамноправна и прагматична основа“, изјави Антонов пред да отпатува и додаде дека е оптимист.
Американскиот амбасадор во Русија Џон Саливен од своја страна изјави дека наскоро ќе се врати во Москва.
Враќањето на амбасадорите беше договорено на самитот Бајден-Путин во Женева.
Дипломатските односи на Москва и Вашингтон брзо се влошија по доаѓањето на власт на Џо Бајден во јануари. Американските власти ја обвинија Русија за низа хакерски напади и мешање во американските избори.
Руските власти потоа во март го повикаа својот амбасадор во САД на консултации, откако Бајден го нарече Путин „убиец“.






