Со одлуката на ректоратот е одлучено, како што направи австриската влада, да се воведе „2Г“ правило за пристап во универзитетот, а тоа значи дека може да влезат само тие со сертификат за вакцинација или со потврда за прележан ковид-19 не постарa од шест месеци.
Во мејлот до студентите ректорот Оливер Витух напиша дека уште порано размислувал да се воведе „2Г” правилото .
Тоа правило, како што истакна тој, важи како за студентите, така и за персоналот.
За студентите што не го исполнуваат „2Г”- правилото за следење на предавањата ќе се направи обид да се најдат алтернативи.
„Одлуката за воведување 2Г не е никакво шиканирање или желба за поделби, туку чист разум”, подвлече Витух.
Тој нагласи дека вакцината не е совршена, но, ценејќи врз основа на науката, таа е најдобар инструмент за превенција со кој располагаме.
Универзитетите, како и фирмите, имаат можност, според новата епидемиолошка уредба, да го применат „3Г”- правилото, односно вакцинирани, прележани и оние со негативен тест.






