Речиси еден час зборуваше пред повеќе стотици високи функционери на конгресот на владејачката партија Единствена Русија во Москва и ги предложи министерот за одбрана Сергеј Шојгу и првиот дипломат Сергеј Лавров за носители на изборните листи, пренесува Ројтерс.
„Програмата на водечката партија мора да биде програма на народот“, истакна Путин, додека на Единствена Русија ѝ паѓа популарноста поради економската стагнација, заморот на гласачите и корупциските афери.
Меѓу истакнатите кандидати не го вклучи Дмитриј Медведев, поранешниот партиски лидер и поранешен претседател и премиер, кој по анкетите е непопуларен.
Британската агенција го цитира Андреј Кољесников од московскиот Карнеги центар кој истакнува дека Лавров и Шојгу се најпопуларните политичари и „доволно е тие двајца да им се покажат на гласачите и на сите да им е јасно дека тоа е партијата на Путин“.
Прекинуван од аплаузи, рускиот претседател предложи десетици милијарди рубљи да се вложат во подобрување на јавниот превоз, патиштата и инфраструктурата, обнова на училиштата и чистење на реките.
„Иднината на Русија е силно и среќно семејство“, кажа тој, останувајќи верен на заштитата на „семејните вредности“ и борбата со демографското пропаѓање на Русија.
Додека низ Русија се шири нов бран на епидемијата на ковид-19, Путин се заложи за придвижување на програма вредна најмалку 100 милијарди рубљи (1,1 милијарда евра) за подобрување на „системот за медицинско заздравување“.
„Повторувам: подобро е да се вакцинирате отколку да се разболите“, предупреди, бидејќи голем број Руси немаат доверба во вакцините.
Како што објави заводот за истражување на јавното мислење Вциом, стапката на популарност на партијата Единствена Русија е околу 30 отсто, за 10 отсто помала отколку пред парламентарните избори во 2016 година. Путин пак има од 60 до 65 отсто поддршка од јавноста.
Трите опозициски партии во парламентот, главно послушни и склони на предлозите на Кремљ (комунистите, крајно националистичката ЛДПР и Праведна Русија), заедно имаат 30-отстотна поддршка, наведува Вциом.
Единствена Русија може на парламентарните избори да смета на тоа дека ќе се зацврсти на сите нивоа на власта. Опозицијата на сите избори ја обвинува дека ги присилува функционерите да гласаат за неа.
Изборите треба да се извршат од 17 до 19 јуни, официјално за да се обезбедат оптимални услови во време на епидемија на коронавирусот. Но критичарите на Кремљ мислат дека тоа е смислено за да може да се мами бидејќи е многу тешко да се набљудуваат гласањето и гласачките места три дена и две ноќи.






