Москва тогаш соопшти дека нејзините воени бродови испукале предупредувачки истрели, а воен авион фрлил бомби на траекторијата на британскиот разурнувач ХМС Дифендер за да го примораат да ги напушти руските територијални води околу полуостровот Крим кој Русија го анектираше во 2014 година.
Британија го демантираше рускиот извештај, наведувајќи дека немало пукање во правец на нејзиниот брод и дека бродот пловел во украински територијални води.
За време на вчерашната маратонска сесија на директни одговори на прашањата на граѓаните, пренесувана на телевизија, Путин кажа дека мисијата на американското разузнавачко летало најверојатно била да го следи рускиот воен одговор на британскиот разурнувач. Тој додаде дека Москва знаела за американските намери и реагирала во согласност со тоа да избегне откривање чувствителни информации.
Во инцидентот минатата среда на 23 јуни Британија истакна дека ХМС Дифендер бил на рутинско пловење низ меѓународно признат коридор и дека останал во украинските води во близина на Крим.
Британија го смета Крим за дел од Украина, иако Русија го припои полуостровот.
Русија го осуди движењето на британскиот разурнувач како провокација и предупреди дека следниот пат може да пука со намера да ги погоди воените бродови кои влегуваат во нејзините територијални води ако повторно се обидат да ја тестираат руската воена решителност.






