Полицијата наведува дека денес попладне го нашла во пештера и се обидела да го приведе и дека притоа Оу Јинжонг си го одзел животот, пренесуваат агенциите.
Некои корисници на кинеските социјални мрежи напишаа дека не веруваат дека Јинжонг си го одзел животот и побараа од полицијата да објави снимки од апсењето.
„Се убил баш во моментот кога го нашле: Во тоа граѓаните нема лесно да поверуваат“, напиша еден корисник.
Оу Јинжонг, 55-годишниот земјоделец од јужната кинеска провинција Фуџијан, беше обвинет дека убил двајца соседи и дека повредил уште три лица.
Потрага по него заинтересира милиони Кинези, но не затоа што сакаа да го видат уапсен. Напротив, многумина отворено се надеваа дека полицијата никогаш нема да го фати.
„Вујко, бегај. Се надевам дека ќе најдеш среќа до крајот на твојот живот“, гласи најчитаниот коментар на Веибо, кинеската платформа слична на Твитер. Изразите на сочувство и поддршка се многу необични за наводен убиец во Кина, каде убиството се казнува со смрт.
Според полицијата, Оу е главниот осомничен за нападот кој е наводно извршен на 10 октомври.
Меѓу жртвите биле четири генерации на едно семејство во соседството на Оу, јавуваат кинеските медиуми. Еден локален службеник кажа дека 70-годишен маж и неговата снаа смртно настрадале во нападот.
Сопругата на старецот, 30-годишен внук и 10-годишен правнук биле повредени. Во недостиг на официјални информации, кинеските медиуми и јавноста ги користеа извештаите на соседите, објавите на Оу на Веибо и претходните медиумски извештаи за да состават неофицијална верзија на настаните кои довеле до убиствата.
Медиумите тврдат дека Оу бил обичен човек турнат на раб на очај по повеќегодишен станбен спор. Јавното сочувство дополнително порасна откако се појавиле информации дека пред три децении тој спасил момче од давење во море и спасил два делфини кои се насукале на брегот во 2008.
Наводно, Оу во 2017 година ја урнал својата стара трошна куќа, со надеж да изгради нова. Меѓутоа, соседот повеќе пати му ги блокирал градежните работи. Затоа Оу бил приморан да живее во нехумани услови, додека неговиот сосед до него во куќа на четири спрата. Оу со својата 89-годипна мајка живее во мала лимена барака, бидејќи немал друг покрив над главата.
Последната капка која ја прелеала чашата била ситуацијата кога тајфун го оддувал лимениот покрив на бараката и го однел во дворот на соседот. Оу тогаш жестоко му се спротивставил на соседот, и се верува дека убил две и повредил три лица, по што избегал.
Со ширењето на веста на интернет се појавија фотографии од бараката на ОУ, а многумина изразија шок од нејзината бедна состојба. Градбата на фотографиите стои сред купишта градежен шут, во контраст на големата куќа на соседот.
Лиу Шјаојуан, искусен адвокат за човекови права, кажа дека сочувството со Оу не изненадува: „Јавноста е свесна дека тој веројатно прибегнал кон насилство, луѓето не го поддржуваат во убиствата. Наместо тоа, тие се гневни за тоа што надлежните тела на одговориле на повиците на Оу за помош и не ја извршила својата должност“.
„Ова е тешка лекција за локалните власти – ако не обратат внимание на споровите и поплаките на луѓето, конфликтите лесно можат да ескалираат. Во случајот на Оу, доколку кое било владино тело му помогнало во решавање на спорот, можеби не би завршил со убиства“, истакнува Лиу.






