„Ние тоа го гледаме како директна закана кон Русија“, кажа портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков на прес-конференција, по повод вчерашната изјава на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Украинскиот претседател кажа дека „ослободувањето на Крим претставува национална цел“.
Песков кажа дека од изјавата на Зеленски може да се заклучи дека украинскиот режим би бил спремен да ги употреби сите средства, па и сила, „за да навлезе на руска територија“.
Портпаролот на Кремљ ја осуди „агресивната реторика“ на украинските власти.
Минатата недела украинските власти соопштија дека откриле планови за државен удар поддржан од Москва, а Москва ги негираше тие обвинувања.
Русија го припои Кримскиот Полуостров во 2014 година, откако беше урнат од власт тогашниот претседател на Украина Виктор Јанукович, наклонет кон Москва.
Русија потоа го поддржа сепаратистичкиот бунт на истокот на Украина кој и понатаму трае.






