По изградбата на важниот патен правец тие два погранични региони, како што истакнаа Виктор Орбан и Александар Вучиќ, ќе станат важен развоен јазол за туризмот, трговијата и зближувањето на унгарската и српската култура и народи. Орбан во оваа пригода повтори дека Србија одамна требало да биде во Европската Унија.
„Сите добро знаеме дека Србија е портата на Балканот и клучна земја за безбедноста на Европа. Вистина е и знаеме дека Србија веќе со години е спремна за влегување во ЕУ“, кажа тој на свеченоста кај градот Хоргош, во близина на српско-унгарската граница.
Зборувајќи за пругата која ќе ги спојува двата града во соседните држави, истакна дека таа е „симбол на соработката и заедничкиот напредок на Унгарија и Србија, Унгарците и Србите кои градат нова заедничка иднина“.
Танјуг пренесува дека и претседателот на Србија истакна дека обновениот железнички правец ќе ги зајакне економските, културните и пријателските врски меѓу Србија и Унгарија, како и меѓу Унгарците и Србите.
[video:https://youtu.be/VxFqA9QYnqE autoplay:0]„Граѓаните и стопанството ќе имаат директен пристап до пристаништето Баја на Дунав и пристаништето Сегед на Тиса, како и на логистичките центри во Војводина и Белград. Пругата Суботица-Хоргош ќе се приклучува на брзата пруга Белград-Будимпешта, со што корисниците добиваат пристап до југоистокот и северозападот на Европа“, наведе Вучиќ.
Проектот за реконструкција на пругата долга 27 километри го финансира ЕУ во рамки на ИПА програмата Унгарија-Србија, додека Србија издвои 86,7 милиони евра. Крајот на работите на пругата, на која возовите би можеле да достигнуваат брзина до 120 километри на час, се очекува кон средината на ноември 2022 година.
Пругата е изградена во 1885 година, како дел од тогашната железничка магистрала Баја-Суботица-Сегед. Сообраќајот по неа целосно беше прекинат во 2015 кога со неа се служеа мигрантите за масовно влегување во Унгарија. Како и долж целиот пограничен регион, Унгарија тогаш преку пругата постави ограда и бодликава жица.






