недела, 3 мај 2026

Моравјецки: Опасна централизација на ЕУ

Објавено на

часот

Сподели

Брисел веќе подолго време тврди дека реформите кои ги воведе полската десничарска влада ја поткопуваат независноста на правосудството, но спорот ескалираше месецов кога полскиот уставен суд ги доведе во прашање основите на интеграцијата во ЕУ пресудувајќи дека делови од европските договори не се компатибилни со уставот.

Тоа поттикна муабети за можен „полегзит“, но Моравјецки кажа дека неговата влада нема намера да го следи примерот на Британија и да ја изнесе Полска од ЕУ.

„Сакам да ве уверам дека Полска останува лојална членка на Европската Унија“, напиша тој во писмото, објавено вчера на сајтот на полската влада.

Меѓутоа, Моравјецки предупреди на „опасниот феномен кој се заканува на иднината на нашата унија“. „Мислам на постепената трансформација на нашата Унија во ентитет кој би престанал да биде сојуз на слободни, еднакви и суверени држави – и би станал централизиран организам со кој управуваат институции лишени од демократската контрола на европските граѓани“.

Моравјецки исто така наведе дека полскиот уставен суд не направил ништо поинакво во однос на сличните судови во други држави на ЕУ кои исто така се судриле со ЕУ и Европскиот суд на правдата.

Моравјецки ги повика колегите да избегнат судир околу владеењето на правото. „На јазик на финансиски уцени, казни, изгладнување на подредените држави, недемократски и централизирани притисоци нема место во европската политика“, кажа тој додавајќи дека „Полска е спремна на дијалог… во духот на обостраната почит и без притисоци да се откажеме од нашите национални надлежности“.

Како показател дека Варшава не планира да се повлече во спорот со Брисел, министерот за правда Жбигњев Зјобро, човекот кој стои зад промените на правосудниот систем, вчера кажа дека ќе бара од полската влада да поднесе тужба пред Европскиот суд на правдата против Германија поради кршење на договорот на ЕУ со политизација на правосудството. Тој тврди дека Германија е виновна за истото нешто за кое е обвинета Полска – дека политичари ги бираат судиите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ