Според изворите на Советот на министри на ЕУ во Брисел, Борел би требало накратко да ги информира министрите за надворешни работи на Унијата за состојбата на Западниот Балкан и пораките кои ги добил од лидерите на регионот, вклучувајќи го и неодамнешниот самит ЕУ-Западен Балкан во Словенија.
Во ЕУ, според европски дипломатски извори, сериозна загриженост предизвикала и последната акција на косовската полицијата и судирот со српските цивили на северот, така што високиот претставник Борел изјавил дека „насилните инциденти на северот на Косово веднаш мора да престанат, бидејќи се неприфатливи, еднострани и неусогласени потези кои ја загрозуваат стабилноста“.
Борел во Њујорк добил потврда од американскиот државен секретар Ентони Блинкен за ставот на ЕУ дека споровите мора да се решаваат преку дијалогот Белград-Приштина, како и дека САД го поддржуваат проширувањето на ЕУ на Западниот Балкан.
Францускиот претседател Емануел Макрон по самитот на Брдо кај Крањ изјави дека за односите на Унијата со Западниот Балкан би можеле да разговараат и шефовите на државите и владите на ЕУ на заседанието на 21 и 22 октомври во Брисел.
Самитот на Брдо кај Крањ заврши без јасна порака на ЕУ за изгледите на партнерите на Западниот Балкан дека во некое догледно време ќе ѝ се придружат на Унијата.
Германската канцеларка Ангела Меркел по самитот кажа дека не мисли дека е конструктивно утврдувањето некакви датуми за членство на партнерите од Западниот Балкан, туку дека тоа треба да следи „кога ќе бидат исполнети условите“.
Францускиот претседател Емануел Макрон соопшти дека ЕУ наскоро ќе одржи „суштинска расправа за геополитиката на Унијата и проширувањето“, во ситуација кога меѓу членките на Унијата постои поделеност околу јасните шанси и чекорите за вклучување на Западниот Балкан во ЕУ.
Макрон ставовите на Франција, но и на неколку други членки на Унијата, ги објасни со тоа што кажа дека мора „најпрво темелно да се реформира функционирањето на ЕУ, бидејќи тоа е веќе тешко со постоечките 27 членки“.
Тој истакна дека „Унијата мора да ги одреди своите надворешни граници и да ја разгледа политиката и односите кон соседите, а особено кон Русија и Турција“, што со други зборови значи да се разгледа кога и под кои услови „границите на ЕУ“ би можеле да се прошират на Западниот Балкан.






