Меркел, која е во проштална посета на Турција, кажа по средбата со претседателот Реџеп Таип Ердоган дека и следната влада во Берлин ќе дава специјално значење на односите со Анкара.
„Ние секогаш имаме заеднички интереси и така следната германската влада ќе ги гледа“, порача Меркел.
Ердоган кажа дека се надева дека успешната соработка со Меркел ќе продолжи на ист начин и под новата германска влада.
Тој ѝ се заблагодари на гостинката на „позитивните придонеси“ во процесот на европските интеграции на Турција и поддршката на тримилионската турска заедница во Германија.
Двајцата лидери разговараа за односите на Турција со Германија и ЕУ, како и за Сирија, Либија и источниот Медитеран, каде се судрија интересите на Анкара и ЕУ.
Односите со Турција беа една од најтешките области за Меркел за време на нејзиниот 16-годишен канцеларски мандат, особено кога Ердоган ги интензивираше нападите врз европските лидери, додека во својата земја го воспоставуваше авторитарниот режим.
Ердоган беше на власт подолго од две години кога Меркел во 2005 стана канцеларка. Тие низ години развија однос заснован на прагматизмот кој го обележаа и неколку кризи.






