„Сите ние сме држави членки на Европската Унија, што значи дека ни е должност секогаш да се обидеме да најдеме компромис – без откажување од нашите принципи, секако“, им кажа Меркел на новинарите по состанокот со белгискиот премиер Александер де Крум во Брисел.
Полскиот уставен суд пресуди минатата недела дека делови од законот на ЕУ се некомпатибилни со полскиот устав, поткопувајќи го централното правило на ЕУ и разгорувајќи ги гласовите дека Полска би можела да го напушти политичко-економскиот блок.
Полската десничарска популистичка влада редовно се судира со Европската комисија околу разни прашања од ЛГБТ правата до независноста на правосудството, поради што се водат повеќе случаи на Европскиот суд на правдата.
„Мислам дека е време за темелен разговор со полската влада за тоа како да се надминат проблемите“, кажа Меркел. „Целосно е точно дека од време на време за случаите треба да решава Европскиот суд на правдата“.
Сепак, германската канцеларка во заминување е загрижена поради бројот на случаи кои завршуваат на највисокиот суд на ЕУ.






