сабота, 25 април 2026

Косовски аналитичар: Не ѝ треба на Србија признавање. Му треба на Косово

Објавено на

часот

Сподели

Според мислењето на Спахиу, основата на сè е дека на патот на постигнување сеопфатен договор, ќе има поместување само ако Белград и Приштина заземат пристап кој се разликува од досегашниот.

„За жал, како погрешен се покажа пристапот на страните кои не сакаат да ја чепнат главната тема. Прашањето на исчезнатите лица може да се разгледува независно од тоа дали Косово е признато од страна на Србија или не, тоа може да продолжи и по признавањето. Таа тема е независна од статусот на Косово, бидејќи сепак она што светот го бара од нас е договор за признавање, но како што стојат нештата, изгледа дека не сме поблиску до тоа, одиме во спротивна насока“, вели Спахиу.

Тој верува дека Заедницата на српски општини е опцијата која може да одведе до конечен договор, иако и Србија и Косово одбиваат тоа отворено да го кажат.

„Заедницата на општини со српско мнозинство е замислена како последната цена која Косово ќе ја плати за добивање признавање од Србија. Белград сака да разговара со заедницата, но не сака да ја спомне можноста за признавање, во таа смисла Приштина ја избегнува таа тема бидејќи тоа е монета за поткусурување на признавањето, поради тоа двете страни се оддалечуваат. За ЗСО треба да се разговара, но би требало да се додаде таа да стапи на сила кога Србија ќе го признае Косово, тој пристап би можел да доведе до признавање“, наведува аналитичарот.

Напорите кон решавање на долготрајниот спор меѓу Косово и Србија околу независноста не водат кон меѓусебно признавање, туку кон постигнување конечен договор, додава Спахиу, кој вели дека на Србија не ѝ е потребно признавање од Косово, туку обратно.

„Не станува збор за меѓусебно признавање бидејќи Србија нема потреба да биде призната од која било држава, таа е призната од Берлинскиот конгрес на 13 јули 1878 година, но на Косово му е потребно признавање од Србија. И по постигнувањето на тој договор, Косово и Србија како соседни држави мораат да продолжат да разговараат за разни теми, но мора да се реши главното прашање“, заклучува косовскиот аналитичар.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ