Овие податоци произлегуваат од студија спроведена врз илјадници вработени во здравствени центри и болници во шест американски држави за да се тестира ефикасноста на вакцината во реални услови.
Учесниците биле испитувани неделно за да се откријат симптоматски и асимптоматски инфекции.
Речиси сите вакцинирани здравствени работници ја примиле вакцината на Фајзер или Модерна.
Помеѓу декември 2020 и април 2021 година, ефективноста на вакцината во спречувањето на инфекцијата била 91 процент, според податоците објавени од Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), главната сојузна агенција за јавно здравје во земјата.
Но, во неделите кога преовладува делта варијантата, што значи дека била одговорна за повеќе од 50 проценти од случаите, ефективноста е намалена на 66 проценти.
Авторите на студијата, сепак, предупредуваат дека причината за овој пад не е само делта варијантата, туку и фактот дека ефективноста на вакцината слабее со текот на времето.
„Иако привремените податоци сугерираат за умерено намалување на ефикасноста на вакцината за ковид-19 во спречување на инфекција, фактот дека инфекциите сепак се намалуваат за две третини, зборува за важноста и придобивките од вакцинацијата“, пишуваат авторите.
Податоците објавени во вторникот не прават разлика помеѓу вакцините на Модерна и Фајзер.
На намалената ефикасност во сузбивањето на делта варијантата укажуваат повеќе студии, иако точните бројки во студиите се разликуваат.
Друго истражување објавено од ЦДЦ во вторникот, спроведено врз пациенти во Лос Анџелес помеѓу почетокот на мај и крајот на јули, покажува дека невакцинираните луѓе имале 29 пати поголема веројатност да бидат хоспитализирани отколку вакцинираните луѓе.
Делта се прошири во САД на почетокот на јули и во моментов е одговорна за повеќе од 98 проценти од инфекциите.






