Податоците од Министерството за здравство на Нов Јужен Велс објавени доцна во понеделникот покажаа дека само 11 отсто од 412 лица што починале од делта-варијантата на коронавирусот во четирите месеци до почетокот на октомври биле целосно вакцинирани. Просечната возраст на починатите била 82 години.
Само околу три отсто од оние што завршиле на интензивна нега имале примено две дози од вакцината, додека повеќе од 63 отсто од 61.800 случаи откриени меѓу 16 јуни и 7 октомври биле невакцинирани, пренесе Ројтерс.
„Младите луѓе со две дози од вакцината имаа помала стапка на инфекција и речиси никој потешка болест, додека невакцинираните во таа возрасна група беа изложени на поголем ризик од развој на ковид-19 и потреба од хоспитализација“, рече Австралискиот главен здравствен службеник Кери Чант.
Овие наоди се совпаѓаат со оние на Центарот за контрола и превенција на болести на САД, кој во септември објави дека невакцинираните поединци имаат 11 пати поголема веројатност да починат од ефектите на инфекција со ковид-19 отколку оние што се целосно вакцинирани.
Австралија во голема мера беше поштедена од инфекцијата оваа година сѐ додека позаразната делта-варијанта не доведе до повеќемесечно затворање во Сиднеј, Мелбурн и Канбера во почетокот на јуни.
Градовите почнаа да ги олеснуваат ограничувањата откако процентот на вакцинираните надмина 70, а потоа и 80 проценти.
Повеќе од половина од сите смртни случаи во Австралија, вкупно 1.841, и околу 87 проценти од околу 183.000 случаи на инфекцијата се должат на зараза со делта-сојот. Сепак, стапката на смртност е помала од лани, благодарение на вакцините.






