Туристичките визи прво ќе се издаваат за оние што доаѓаат во Индија со чартер летови, објави Министерството за внатрешни работи. Ова ќе се прошири на патниците од сите летови на 15 ноември. Протоколите за туристите ќе ги објави Министерството за здравство, но индиските медиуми веќе пишуваат дека најверојатно патниците ќе треба да бидат вакцинирани или да имаат негативен тест не постар од 72 часа пред летот.
Зимата е врв на индиската туристичка сезона, па многумина веруваат дека целта на ова олеснување на ограничувањата е да му се помогне на секторот кој е тешко погоден од пандемијата. Помалку од 3 милиони луѓе ја посетија Индија минатата година, што е за 75 проценти помалку од 2019 година. Њу Делхи планира да додели 500.000 бесплатни визи за да му помогне на туристичкиот сектор, а тоа се очекува да поттикне кратки туристички тури.
Индија е втора по бројот на заразени лица, по САД. Од почетокот на пандемијата, забележала 34 милиони случаи на зараза, а 451 илјада луѓе починале. По силниот втор бран на инфекција помеѓу април и јуни, кога Индија имаше до 400.000 нови случаи дневно, во последните денови таа земја со 1.38 милијарди луѓе има околу 20.000 случаи дневно.






