Куомо, демократ, кој од 2011 година е гувернер на четвртата најнаселена американска држава и кој некогаш се сметаше за можен кандидат за претседател на САД, објави оставка откако јавната обвинителка на Њујорк, демократката Летиција Џејмс, ги објави резултатите од петмесечната независна истрага, која заклучи дека постапил на начин што ги прекршил сојузните и државните закони.
Истрагата, завршена со извештај од 168 страници, покажа дека тој сексуално вознемирувал неколку жени, вклучително и сегашни и поранешни државни службенички, и ѝ се одмаздил барем на една која за тоа го тужела на суд.
Куомо, разведен татко на три ќерки, ги негира сите обвиненија.
Куомо призна дека можеби се однесувал на начин така што некои луѓе се чувствувале непријатно. Тој кажа дека тоа не го направил намерно и се извини. Подоцна додаде дека неговите постапки сепак не треба да се класифицираат како сексуално вознемирување.
„Прво, сакам да знаете дека никогаш никого не сум сексуално вознемирувал или непримерно допирал. Имам 63 години. Цел свој живот го живеам во јавноста. Тоа едноставно не сум јас ниту некогаш сум бил“, рече тој.
Тој се осврна на конкретното обвинување на својата поранешна асистентка Шарлот Бенет, признавајќи дека „ѝ поставувал прашања што вообичаено не им ги поставува на другите луѓе“, односно дека се распрашувал за нејзиниот љубовен живот.
Тој рече дека „навистина му е жал“ што го довел својот личен живот на работното место, но смета дека Бенет му припишува мотиви што никогаш не ги имал и „таа слушнала работи што тој едноставно не ги кажал“.






