„Им даваме 430 милиони евра секоја година, но нема да дадеме ни цент ако талибанците ја преземат државата и воведат шеријат“, кажа Хеико Мас за ЗДФ.
Авганистанските сили се борат против талибанците, кои освоија поголем дел од државата. Американските разузнавачи веруваат дека во следните 90 дена би можеле да ја освојат и престолнината Кабул.
Талибанците за шест дена освоија осум провинциски престолнини во Авганистан, со брзина која ги изненади американските власти.
Талибанците сега контролираат 65 отсто од авганистанската територија, а се закануваат со освојување уште 11 провинциски центри, кажа во вторникот европски дипломат.
Германската министерка за одбрана ги отфрли во понеделникот повиците германските војници да се вратат во Авганистан откако талибанците го зазедоа Кундуз, градот во кој германските трупи беа стационирани 10 години.
Германија го имаше најголемиот воен контингент во Авганистан по САД, а некои членови на конзервативната партија на министерката Анагрет Крамп Каренбауер бараат германските војници да учествуваат во интервенцијата против талибанците.






