Постапката на депонирање на отпадот во конечното место на чување ќе биде завршена околу 2080 година, а работниот век на привремените магацини истекува многу порано, предупреди Михаел Саилер.
„Во Германија имаме 16 привремени магацини во кои се депонира високорадиоактивниот отпад, а на повеќето од нив оперативната дозвола им истекува меѓу 2045 и 2046 година“, напомена тој.
Откако пропадна планот отпадот да се депонира во солена купола во рудник во Горлебен, во сојузната држава Долна Саксонија, германскиот парламент одреди краен рок за наоѓање нова локација во 2031 година.
„Потоа следат постапките за издавање дозволи и изградбата“, кои ќе траат дваесеттина години, значи до средината на векот, објасни германскиот експерт.
Дури тогаш ќе почнат тестирањата, објасни тој.
Преместувањето на отпадот од привремените во конечните магацини би можело според разумните проценки да потрае околу 30 години.
„Тоа значи дека постапката на конечно депонирање ќе трае од 2050 до 2080 година“, истакна Саилер.
Последната германска нуклеарна централа би требало да биде исклучена до крајот на следната година.
Според важечкиот закон, луѓето и околината мора да бидат заштитени од зрачењето на отпадот милион години.






