Преговорите со новите власти во Авганистан во никој случај не значат признавање на новата влада, нагласи претседателката на Комисијата.
Главната цел е да се овозможи и олесни евакуацијата. Прво треба да се понуди „легален и безбеден“ пат за бегство за луѓето кои се најдоа во опасност со талибанското преземање на власта.
Фон дер Лајен ја спомена и можноста за зголемување на хуманитарната помош на Европската унија. Таа рече дека предлогот ќе биде изнесен во блиска иднина.
„Мораме да им помогнеме. Не само на Авганистанците овде во Шпанија, туку и на оние што останаа во Авганистан“, напиша таа на Твитер.
Но, нема да има помош за талибанците ако не ги почитуваат човековите права, рече таа во однос на помошта за развој вредна милијарда евра наменета за Авганистан во следните седум години.
Таа рече дека помошта е условена со строги услови како што се добар однос кон малцинствата и почитување на правата на жените и девојчињата.
Прифатниот центар е поставен на воениот аеродром на околу 10 километри североисточно од Мадрид.
Од четврток, центарот служи и како главна точка за прв прием на сите спасени бегалци од Авганистан кои работеле за институциите на ЕУ, како и за нивните семејства.
По медицински прегледи и безбедносни проверки, овие луѓе се распоредени во неколку земји на ЕУ.
Во посетата на Фон дер Лајен во центарот, меѓу другите, беа и шпанскиот премиер Педро Санчез, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел.
Санчез и Фон дер Лајен се согласија дека меѓународната мисија во Авганистан во последните години „не беше залудна“.
„Многу е направено за таа земја, вклучително и во областа на образованието“.
„Сеевме и се надеваме дека ова семе ќе доведе до поголем напредок, безбедност и слобода за народот во Авганистан во иднина“, рече Санчез.






