Отстранувањето на Лепосавиќ беше поддржано од 43 пратеници од опозицијата и УРА, 27 пратеници од ДФ беа против, а 10 демократи беа воздржани во парламентот со 81 член.
Со гласовите на опозициските партии собрани околу Демократската партија на социјалистите и четворица пратеници од помалата владејачка Обединета реформска акција, беа надгласани членовите на Демократскиот фронт, кои го делат мислењето на Лепосавиќ за Сребреница, и демократите, кои претходно објавија дека нема со ДПС да го уриваат министерот за правда.
Со гласовите на опозицијата и дел од владејачкото мнозинство, црногорскиот парламент ја усвои Резолуцијата за Сребреница, и покрај противењето на најсилната владејачка коалиција, Демократски фронт.
Резолуцијата за Сребреница беше поддржана од 55 пратеници, 19 беа против, а седум беа воздржани во парламентот со 81 места.
Ервин Ибрахимовиќ, еден од предлагачите на резолуцијата, член на опозициската Бошњачка партија, за време на парламентарната дебата рече дека целта на предлог-резолуцијата за Сребреница е соочување на општеството со минатото и помирување на народот.
Ибрахимовиќ рече дека нацрт-резолуцијата, меѓу другото, подразбира дека парламентот признава дека во Сребреница во јули 1995 година се случил геноцид, во кој беа убиени над 8.000 Бошњаци, и најостро го осудува, како и дека забранува јавно негирање на постоењето и потценување на геноцидот, а 11 јули да се прогласи за ден на сеќавање на жртвите.
Лепосавиќ, кој пред да биде назначен за министер за правда ѝ беше адвокат на Српската православна црква во имотниот спор со претходната влада, пред парламентот кон крајот на март изјави дека е „подготвен да го признае геноцидот во Сребреница откако тој ќе биде недвосмислено утврден“.
Тој тогаш, одговарајќи на прашањата на опозициските пратеници, рече дека „не знае дали имало геноцидна намера во Сребреница во 1995 година“.
Неговата изјава предизвика лавина критики од домашната јавност, меѓународните организации за човекови права и западните влади, што го натера премиерот Кривокапиќ да достави предлог до парламентот за сменување на Лепосавиќ, и покрај острите критики од Демократскиот фронт, најсилната коалиција во хетерогениот сојуз што ја поддржува владата.






