Тоа е следниот чекор во предавањето на власта на коалицијата на десниот центар, потсетува Ројтерс.
Фиала ја предводи коалицијата од пет чешки партии кои заедно освоија мнозинство гласови на изборите за Долниот дом на парламентот на 8 и 9 октомври.
Партиите во понеделникот потпишаа договор за нова коалиција на десниот центар и се на чекор да ја заменат владата на премиерот Андреј Бабиш.
Партиите, од умерено евроскептичните Граѓански демократи до либералната Пиратска партија на левиот центар, ветија дека ќе го намалат буџетскиот дефицит кој постојано расте од минатата година во услови на пандемија и зголемени пензии и плати.
Но, се чувствува неизвесност околу преговорите за формирање нова влада, бидејќи 77-годишниот Земан е во болница од 10 октомври, а за изборите зборуваше во радио интервју дури на крајот на минатата недела.
Иако хоспитализираниот претседател за радио Фреквенција 1 изјави тогаш дека ќе го назначи Фиала да ги води преговорите, веројатно ќе поминат неколку недели пред Земан официјално да го предложи за премиер.
Со претседателот во болница, пратениците расправаа за активирање на членот 66 од уставот на земјата за да му се одземат претседателските овластувања доколку не може да именува влада што ќе ја замени владата на премиерот Андреј Бабиш.
Но, сенаторите во Горниот дом се откажаа од активирање на правилото кое никогаш претходно не било користено, по индикациите дека здравјето на Земан се подобрува.
Не се соопштуваат детали за Земановата болест, освен изјавата на еден од лекарите дека се работи за заболување на црниот дроб.






