Претседателот на Сенатот Милош Вистрчил кажа дека е малку веројатно дека Земан ќе се врати на работа во следните недели.
Затоа парламентот треба да расправа за активирање на уставната клаузула која претседателските овластувања ги префрла на други функционери, вклучувајќи го именувањето нов премиер по парламентарните избори на 8 и 9 октомври.
Таквата одлука бара поддршка од двата дома на парламентот. Долниот дом треба да заседава на 8 ноември.
Земан заврши во болница еден ден по изборите на кои неговиот сојузник, премиерот Андреј Бабиш, изгуби од група опозициски партии.
Две коалиции, Заедно на десниот центар и либералниот сојуз на Пиратската партија и Партијата на градоначалникот, освоија вкупно 108 од 200 места во долниот дом на чешкиот парламент и објавија дека сакаат заедно да формираат влада.
Бабиш, милијардер и лидер на партијата која самостојно доби најмногу гласови, на крајот на минатата недела кажа дека е спремен да ја предаде власта.
Кабинетот на Земан ги одбива повиците да даде информации за состојбата на претседателот, поради што Вистрчил се обратил директно до болницата која денес му одговорила.
„Според мислењето на Централната воена болница, претседателот Милош Земан во моментов, од здравствени причини, не е спремен да ја врши својата должност“, објави претседателот на Сенатот.
Земан, пушач и дијабетичар, има и оштетување на нервите поради што во последно време користи инвалидска количка.






