Блинкен го испрати предупредувањето до рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на состанокот во Стокхолм, еден ден откако објави дека Вашингтон е подготвен да одговори решително, вклучително и со болни санкции во случај на руски напад.
„Најдобар начин да се избегне криза е преку дипломатија“, им рече Блинкен на новинарите пред средбата со рускиот колега, пренесе Ројтерс.
Тој истакна дека Москва и Киев треба да ги исполнат своите обврски врз основа на мировниот процес од Минск во 2014 година, осмислен да стави крај на војната меѓу проруските сепаратисти и силите на украинската влада на истокот на поранешната советска република.
Блинкен рече дека Вашингтон е подготвен да помогне во тоа, но „ако Русија одлучи да оди по патот на конфликт, последиците ќе бидат сериозни“.
Лавров пред новинарите изјави дека Москва е подготвена за дијалог со Киев.
„Ние, како што рече претседателот (Владимир) Путин, не сакаме никакви конфликти“, рече Лавров.
Тој и Блинкен разговараа околу половина час на маргините на состанокот на Организацијата за европска безбедност и соработка (ОБСЕ) во Стокхолм, што е контакт на највисоко ниво меѓу двете страни од јунскиот самит меѓу Путин и американскиот претседател Џо Бајден.






