„Го постигнавме она што го сакавме, а тоа е слободата на нашата земја и независноста на нашиот народ“, рече тој.
Само неколку недели по заминувањето на американската војска, талибанците ја презедоа целосната контрола врз Авганистан. Работите особено се интензивираа последниве денови, талибанците окупираа град по град, со мал или без никаков отпор.
Влегоа во Кабул со молскавична брзина и го зазедоа. Пред само неколку дена, процените велеа дека тоа нема лесно да им појде од рака. А им беше полесно отколку што очекуваа – освен повремени борби, практично немаше отпор.
Вчерашните слики исто така сведочат колку шокантен е напредокот на талибанците – многу светски дипломати избегаа со хеликоптери од градот пред колапсот. Заминувањето на американските дипломати со хеликоптер многумина ги потсети на познатата сцена на бегството на Американците од Сајгон, денес Хо Ши Мин, во 1975 година, пред крајот на Виетнамската војна.
За САД, овој развој навистина мораше да биде големо изненадување бидејќи американскиот претседател Џо Бајден пред нешто повеќе од еден месец даде процени за Авганистан што се покажаа целосно погрешни.
Бајден на 8 јули одржа прес-конференција на која зборуваше за заминувањето на последните американски сили од Авганистан до 31 август. Поголем дел од војските на НАТО и САД веќе ја имаа напуштено земјата.
Новинарите тогаш го прашаа дали талибанското преземање на Авганистан е неизбежно по заминувањето на Американците.
„Не, не е“, одговори кратко Бајден.
Зошто, го прашаа.
„Бидејќи авганистанските сили имаат 300.000 добро опремени борци, тие се опремени како голем број армии во светот. Имаат и воздушни сили. Од друга страна, талибанците имаат околу 75.000 борци. Преземањето не е неизбежно“, изјави тогаш Бајден.
Тој, исто така, беше запрашан дали им верува на талибанците и зошто им ја предава земјата.
„Тоа е глупаво прашање. Дали им верувам на талибанците? Не. Но јас верувам во способноста на авганистанската војска, која е подобро обучена, подобро опремена и покомпетентна за војна“, рече Бајден.
Само неколку недели подоцна, авганистанската војска ја нема, ниту им даде каков било отпор на талибанците, а талибанците ја зазедоа земјата.






