Врховниот суд на Британија им одобри на американските власти проширување на доказниот материјал за жалбената постапка на првостепената одлука на британскиот суд од јануари, со која беше пресудено да не се дозволи екстрадиција на австралискиот новинар Џулијан Асанж на Соединетите Држави поради наводно шпионирање.
Двајца судии на Врховниот суд се согласија на американските власти да им се одобри проширување на доказниот материјал за жалба на првостепената одлука, па конечната пресуда се очекува во октомври.
Лондонскиот суд во јануари го блокираше американското барање за екстрадиција на Асанж поради загриженоста за неговото ментално здравје.
Ванеса Баретсер, судијка на лондонскиот окружен суд, тогаш објасни дека, иако САД имаат основа за екстрадиција, американскиот државен и правосуден систем не е во состојба да го спречи првиот човек на Викиликс да си го одземе животот.
Обвинителството во САД го обвини Асанж по 17 точки на обвинението дека шпионирал и хакирал државни компјутери, а потоа на Викиликс објавил воени и дипломатски документи.
Овие обвинувања носат потенцијална казна од 175 години затвор.
Адвокатите обвинетиот Австралиец го бранеа со аргументи дека се однесувал како новинар и се повикуваа на Првиот амандман во кој особено се истакнува слободата на говорот за објавување документи кои ги разоткрија нелегалните дејствувања на американската војска во Ирак и Авганистан.
Викиликс објави стотици илјади американски документи за војните во Авганистан и Ирак, како и доверлива дипломатска комуникација во 2010 и 2011 година.






