Министерот за одбрана Бизмила Мохамади, кој вети дека ќе се бори против талибанците, објави на Твитер дека ги окупирале окрузите Дех Салех, Бано и Пул-Хесар во соседната покраина Баглан северно од Паншир.
Не е познато кои сили биле вклучени, но вестите сугерираат дека сè уште постои спорадичен отпор кон талибанците, кои со молскавична акција ја преземаа контролата врз сите поголеми градови во земјата за само една недела.
Амрула Салех, поранешниот потпретседател, и Ахмад Масуд, синот на поранешниот антисоветски муџахедински командант Ахмад Шах Масуд, ветија дека ќе се борат против талибанците од Паншир, од каде во 1980-тите и 1990-тите години беа потиснати и Советите и талибанците.
Луѓе блиски до Масуд рекоа дека во долината се собрале повеќе од 6.000 борци, остатоци од војската и специјалните сили, како и локални милиции. Имаат неколку хеликоптери и воени возила и поправиле некои оклопни возила оставени од Советите.
Талибанците засега не се обиделе да влезат во долината, која сè уште е полна со остатоци од советски оклопни возила уништени во борбите пред повеќе од 30 години.
Но, западните дипломати и други набљудувачи се скептични во поглед на способноста на овие борци да организираат ефективен отпор против талибанците со оглед дека немаат поддршка од надвор.






