Овој „историски проект“, како што истакна Белата куќа, е усвоен со 69 гласа за и 30 против, со поддршка од повеќе од третина републиканци, што е реткост во инаку поделениот Конгрес.
Предлог законот сега оди во Претставничкиот дом, каде судбината му е понеизвесна бидејќи се појавија несогласувања во тесното демократско мнозинство, меѓу левото крило и центристите.
Преговорите, по сè изгледа, ќе бидат тешки, а конечното гласање во Конгресот би можело да се случи дури на есен.
Плод на редок компромис меѓу демократите и дел од републиканците, планот за вложување во инфраструктурата предвидува 550 милијарди долари ново федерално трошење за патиштата, мостовите, транспортот, широкопојасниот интернет и борбата против климатските промени. Инфраструктурниот план е главниот приоритет на демократскиот претседател.
Вкупната вредност достигнува до 1.200 милијарди долари, колку што е БДП на Шпанија во 2020, ако се земе предвид пренаменувањето на другото постоечко јавно трошење.
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп смета дека планот е „срамен“ и им се заканува на републиканците.
Сенатот сега ќе се посвети на разгледување на вториот голем план на Бајден, кој предвидува вложување на 3.500 милијарди долари во „човечката инфраструктура“, за социјалните програми и климатските промени.
Планот предвидува големи издвојувања за образованието, здравјето, пазарот на труд и климата и е најголем од Новиот договор (New Deal) на Рузвелт од 1930-тите.
Белата куќа истакнува дека станува збор за инвестициски план кој се случува „само еднаш во генерација“ и со кој треба да се исправат преголемите неправди во американската економија.






