петок, 14 ноември 2025

Трамп бара Хамас да ги врати телата на мртвите заложници: „Работата не е завршена“

Претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп го повика палестинското движење Хамас да ги врати телата на мртвите заложници од Газа, во фазата која ја смета за неопходна за да се премине на следната фаза од неговиот план за таа палестинска територија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според договорот за примирјето во понеделникот беа вратени живи 20 заложници, но од 28-те мртви беа вратени четири тела.

„Сите 20 заложници се вратени и се чувствуваат добро колку што може да се очекува. Голем товар е симнат, но работата не е завршена. Мртвите не се предадени како што беше ветено“, напиша американскиот претседател на својата социјална мрежа Трут соушал, еден ден по престојот во Израел и Египет.

Трамп напиша дека втората фаза мора веднаш да започне, мислејќи на втората фаза од преговорите.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху сепак изјави дека се надева на позитивен развој на настаните „во наредните часови“ кога станува збор за враќање на повеќе тела.

Тој кажа дека очекува вести во следните неколку часа за враќањето на „другите паднати заложници“ и додаде дека израелската влада е решена сите да ги врати.

Функционер на Хамас изјави дека уште најмалку четири тела на заложници ќе бидат вратени во Израел наскоро.

Хамас го прошири своето присуство во Појасот Газа во зоните од кои израелската армија се повлече без да чека продолжување на преговорите за планот од 20 точки на американскиот претседател.

Првата фаза од планот го предвидува примирјето, со враќање на живите израелски заложници и телата на мртвите, како и размена на Палестинци од израелските затвори.

Продолжувањето на американскиот план предвидува воспоставување влада во Газа од која ќе биде исклучено палестинското исламистичко движење Хамас.

Веројатно ќе има голем број спорни прашања за време на преговорите за следните фази од договорот, вклучувајќи повик до Хамас да го предаде оружјето, што групата наводно го отфрлила.

Според извештаите, Израел нема да го отвори повторно граничниот премин Рафах меѓу Египет и Газа и ќе го намали протокот на помош кон палестинската територија, што беше одлучено откако Хамас врати само четири од 28-те тела на израелските заложници во понеделникот.

Шефот на хуманитарната служба на Обединетите нации Џереми Бовен изјави дека Израел мора да ги држи отворени премините кон Газа за да може да се достави „многу потребната помош“.

Тој за Би-би-си изјави дека двете страни мора целосно да го спроведат договорот за прекин на огнот и дека Хамас мора да ги врати телата на заложниците на Израел.

Израелските одбранбени сили објавија дека досега ги идентификувале телата на четворицата заложници кои се досега предадени.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ