сабота, 15 ноември 2025

Србите се повторно на власт во четирите општини на северот на Косово

Локалните избори на Косово за 38 градоначалници и советници во локалните собранија завршија вчера со излезност од 39,47 отсто, во 17 општини ќе има гласање во вториот круг, а партијата Српска листа прогласи победа во девет од 10 општини во кои имаше кандидати.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Од 38 општини на Косово, во 21 трката за градоначалник заврши вчера со гласање во првиот круг од локалните избори. Централната изборна комисија објави дека броењето на гласовите за општински советници ќе почне денес. Во четири општини со српско мнозинство на северот на Косово, Северна Митровица, Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток, победија кандидатите на Српската листа, најголемата српска партија во Косово, која има поддршка од властите во Белград.

Српската листа победи и во Нови Брдо, Штрпац, Грачаница, Ранилуг и Партес, а во 17 општини вториот круг од изборите ќе се одржи на 9 ноември. Во изборната трка учествуваа 32 политички партии, две коалиции, 32 граѓански иницијативи и 27 независни кандидати, од кои 12 беа српски партии и иницијативи.

Најсилната српска политичка опција поддржана од официјален Белград, Српска листа, сестринска партија на владејачката Српска напредна партија, учествуваше на изборите откако ги бојкотираше претходните, со што им овозможи на градоначалниците Албанци, со излезност од само малку повеќе од 3,4 проценти од гласачите на северот на Косово, да ја преземат и да ја држат власта во четири општини со српско мнозинство од мај 2023 година.

За време на кампањата претставниците на Српската листа нагласија дека овие избори се „судбоносни за Србите во Косово и Метохија“ и дека Србите „мора да покажат единство и да ја поддржат Српската листа, со пенкало да ги сменат нелегитимните градоначалници Албанци “, да ги вратат четирите општини на север во свои раце и да ги потврдат победите во шесте општини во централниот дел на Косово јужно од Ибар, каде што Србите се мнозинство.

Претседателот на Српска листа Златан Елек изјави дека оваа партија убедливо победила „во девет од 10 општини каде што Србите се мнозинство“. „Имаме двотретинско мнозинство во сите 10 општини. Најважно е што четирите општини северно од Ибар им се вратени на нашите луѓе“, го цитира Елек Радио телевизија Србија.

Приштинскиот портал Коха објави дека, според досега преброените гласови, Српската листа победила во сите општини со српско мнозинство и без втор круг, во Лепосавиќ, Нови Брдо, Штрпач, Зубин Поток, Звечан, Грачаница, Ранилуг, Партес, Клокот и Северна Митровица.

Судејќи според извештаите на приштинските медиуми, движењето Самоопределување на актуелниот премиер Албин Курти не ги забележа очекуваните резултати, освојувајќи градоначалнички позиции само во две општини.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ