Резолуцијата со која се воспоставува Проширен делумен договор за управниот одбор на специјалниот трибунал за злосторството агресија против Украина ја усвои Комитетот на министри на денешната седница во Кишињев.
Според соопштението на Советот на Европа, 34 земји членки на организацијата, како и Европската Унија, Австралија и Костарика, изразиле намера да учествуваат во договорот.
Трибуналот ќе има задача да ги истражува, гони и суди оние што се одговорни за злосторството агресија против Украина, со цел да ја пополни празнината во надлежноста на Меѓународниот кривичен суд и да ги повика на одговорност високите функционери вмешани во ова злосторство.
Генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, изјави дека специјалниот трибунал претставува „правда и надеж“ и дека сега е потребно да се преземат конкретни чекори за да се обезбедат неговото функционирање и финансирање.
„Времето Русија да биде повикана на одговорност за својата агресија брзо се приближува. Патот пред нас е пат на правдата — а правдата мора да победи“, рече Берсе.
Тој ги повика државите што побрзо да ги завршат сите неопходни национални процедури за приклучување кон трибуналот.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха изјави дека „моралната основа на Европа и светот ќе биде обновена само кога ќе биде казнето злосторството агресија против Украина“.
„Ова не е прашање на минатото. Ова е прашање на иднината. Станува збор за обновување на заедничкиот простор на вистината, правдата и довербата“, рече Сибиха.
Министерот за надворешни работи на Молдавија, Михај Попшој, чија земја моментално претседава со Комитетот на министри на Советот на Европа, изјави дека праведниот и траен мир за Украина мора да биде заснован на одговорност.
„За да се обезбеди што е можно поширок легитимитет на специјалниот трибунал, важно е и други држави да се приклучат кон Проширениот делумен договор“, рече Попшој.
Почетната фаза на работата на специјалниот трибунал ќе биде сместена во Хаг, изјави холандскиот министер за надворешни работи Том Берендсен.
Министрите на состанокот, исто така, ја поздравија широката поддршка за Конвенцијата за основање меѓународна комисија за побарувања за Украина, чија цел е воспоставување правен механизам за надомест на штетата предизвикана од руската агресија.
Конвенцијата досега ја потпишале 38 земји, а неколку држави и Европската Унија веќе ја ратификувале.






