понеделник, 20 април 2026

Шефот на полската дипломатија: Добро е што Израел се извини за статуата на Исус, но не е доволно

Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски кажа дека израелските војници „ги признаваат воените злосторства“ и дека убивале израелски заложници, предизвикувајќи остра реакција од неговиот израелски колега Гидеон Саар. Дебатата на социјалните медиуми беше предизвикана откако припадник на Израелските одбранбени сили (ИДФ) објави фотографија на интернет на која уништува статуа на Исус во Либан.

Фото: Икс

Објавено на

часот

Сподели

Сикорски го коментираше инцидентот со уништената статуа на социјалната мрежа Икс. „Добро е што министерот Саар брзо се извини, имаше причина да се извини“, напиша тој. „Тој војник треба да биде казнет, ​​но мора да се научат и лекции за начинот на обука“.

Во продолжение изнесе и посериозни обвинувања. „Самите војници на ИДФ признаваат воени злосторства. Тие убија не само палестински цивили, туку и свои заложници“, додаде Сикорски.

Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар ги отфрли тврдењата на Сикорски како „сериозни, неосновани и клеветнички изјави против ИДФ“.

„Тоа што го напишавте открива длабоко незнаење и големо недоразбирање“, му одговори Саар, исто така на Икс. „За време на секоја војна, има оперативни несреќи во кои војници се убиени и од пријателски оган“.

Во својот пост Саар ја брани израелската војска.

„Ниедна западна војска не се бори против тероризмот попрецизно и со подобра разузнавачка служба од ИДФ, со постојан напор да се минимизира штетата врз цивилите. Односот на жртвите меѓу терористите и цивилите е подобар отколку во која било друга западна војска. Всушност, подобар отколку во која било друга борбена војска во светот“, смета тој.

„ИДФ е професионална и етичка армија“, оцени, додавајќи дека западните војски „учат од ИДФ“.

На крајот Саар се осврна на инцидентот во полскиот парламент. „Предлагам, наместо да носите морални пресуди за другите, вие лично да го осудите срамниот антисемитски чин кој го видовме во полскиот парламент минатата недела“, му порача на Сикорски.

Тој мисли на пратеникот кој го развиори израелското знаме во парламентот, на кое наместо Давидовата ѕвезда имаше нацистичка свастика.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ