сабота, 15 ноември 2025

Шефот на НАТО се потсмева со руска подморница

Генералниот секретар на НАТО Марк Руте денес ја исмеа Русија за лошата состојба на една од нејзините подморници, која едвај се враќа дома, додека руските власти негираа дека била принудена да излезе на површина поради технички проблеми.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Руската Црноморска флота објави дека дизел-подморницата Новоросијск се појавила покрај брегот на Франција за да се придржува до навигациските правила во Ламанш и ги отфрли извештаите дека претрпела сериозен дефект. Но, холандските власти објавија во текот на викендот дека подморницата ја влечат во Северно Море.

Руте во говорот во Словенија кажа дека пловилото е „расипано“. „Сега, всушност, речиси и да нема руско поморско присуство во Медитеранот. Има осамена и расипана руска подморница која едвај се враќа назад дома од патрола“, кажа тој.

„Каква промена од романот на Том Кленси „Потрага по Црвениот Октомври“ од 1984 година. Денес повеќе личи на потрага по најблискиот механичар“, додаде тој. Руски Телеграм канал поврзан со разузнавачки кругови во Москва на 27 септември објави дека дошло до истекување на гориво кое почнало да се акумулира во подморницата, создавајќи ризик од експлозија.

Поморската команда на НАТО пред четири дена објави фотографии за кои тврди дека покажуваат француска фрегата како набљудува руска подморница покрај брегот на Бретања. Завчера, холандското министерство за одбрана објави дека холандска морнарица ја придружувала Новоросијск и придружниот реморкер Јаков Гребелски во Северно Море.

Руската Црноморска флота денес објави дека подморницата спроведувала „планиран меѓуфлотен транзит“ откако ги завршила задачите во Средоземно Море.

Подморницата Новоросијск беше пуштена во употреба во август 2014 година и е дел од Црноморската флота, но се верува дека не учествувала во инвазијата на Украина. Станува збор за дизел-електрична јуришна подморница која може да остане под морето до 45 дена и има екипаж од 52 члена. Може да лансира нуклеарни проектили „калибр“.

Нејзината сестринска подморница Ростов на Дон беше потопена во украински напад во август минатата година. Кралската морнарица на Британија ја следи Новоросијск од јануари кога беше видена во Ламанш.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ