Службениците во Генералниот директорат за трговија на Европската комисија добиле задача да смислат „порешителна и поефикасна политика за трговска одбрана“ за решавање на проблемите во односите со Пекинг, според интерен документ во кој имал увид Политико. Меѓу опциите што се разгледуваат е и идентификувањето на дополнителни сектори каде што би можеле да се спроведат „заштитни истраги“.
Ориентациска дискусија
Во ваквите истраги, ЕУ би проценила како увозот ѝ штети на локалната индустрија и дали може да се воведат царински квоти. Брисел веќе воведе заштитни мерки за челик и феролегури во минатото, а идните истраги би можеле да опфатат и други индустрии.
Дополнително, би се забрзала работата на таканаречениот инструмент за сузбивање на прекумерните капацитети. Целта на тој механизам би била да се реши проблемот со компаниите кои, со државни субвенции, произведуваат огромни количини стоки во стратегиските сектори, поради што другите индустрии практично не можат да се натпреваруваат.
За таков механизам се дискутира веќе некое време, но се смета за ризичен бидејќи веројатно би бил во спротивност со правилата на Светската трговска организација, кои генерално им забрануваат на членовите да дискриминираат поединечни земји.
Според двајца претставници на ЕУ кои работат на предлозите, а кои сакале да останат анонимни, плановите прво ќе бидат дискутирани и преработени од страна на комесарите на „ориентациско сослушување“ на 29 мај.
Потоа, лидерите на ЕУ ќе разговараат за извозните ограничувања на Кина за клучни суровини – неопходни за сè, од ветерни турбини до автомобилски батерии – на самитот на Г7 во Франција, кој почнува на 15 јуни, давајќи политички насоки на извршната власт на ЕУ.
Промена на политичката клима
После тоа, Комисијата ќе побара мислење од шефовите на владите на земјите-членки на состанокот на Европскиот совет на 18 јуни во Брисел. Во нацрт-дневниот ред за тој самит тоа прашање е вклучено во дискусијата за „подобрување на конкурентноста и стратегиската автономија на ЕУ во предизвикувачки геоекономски контекст“ и решавање на „глобалните макроекономски нерамнотежи“.
Со оглед на тоа што европската индустрија се соочува со силни геоекономски предизвици, „сега може да има политичка волја кај некои земји-членки кои претходно се воздржуваа“, кажал еден функционер за притисокот за заострување на трговскиот став на ЕУ кон Пекинг.
Иако Комисијата долго време бара нови овластувања за решавање на проблемот, некои членови активно се спротивставија на тоа, плашејќи се од затегнување на односите со Кина. Клучот ќе биде да се обезбеди поддршката на Германија, која историски избегнува ескалација на трговските конфликти со Кина.
Кинески инвестиции
Берлин во моментов доживува индустриски пад, бидејќи Пекинг го зајакнува своето влијание во секторите за чиста технологија, автомобилска индустрија и производство, и е особено изложен на какви било нови ограничувања за продажба на ретки земни метали.
Билатералниот трговски дефицит на ЕУ со Кина порасна на 359,3 милијарди евра во 2025 година, што е речиси за една петтина повеќе од претходната година. Европските индустриски сектори, од хемикалии до автомобилска индустрија, губат работни места и го намалуваат производството, погодени од прекумерниот увоз на поевтини кинески стоки.
Заминувањето на унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој привлекуваше кинески инвестиции, исто така отвора нова можност за функционерите да добијат одобрение за своите планови. Од друга страна, шпанскиот премиер Педро Санчез, кој ја посети Кина по четврти пат за исто толку години во април, се позиционира како водечки застапник на попријателски односи со Пекинг.
Построги правила
Стравот од деиндустријализација се зацврсти во Брисел, кој одговори со низа иницијативи насочени кон намалување на зависноста на Унијата од најголемиот извозник во светот. Порано овој месец, Брисел објави ограничување на користењето на средствата од ЕУ за соларни инвертори произведени во Кина, клучна технологија за обновливи извори на енергија.
Предложениот Закон за индустриски забрзувач на Комисијата предвидува построги нови правила за проверка на кинеските инвестиции, додека ревизијата на Законот за сајбер безбедност има за цел да ги охрабри европските престолнини да ја намалат употребата на опрема од кинеските технолошки гиганти како што е Хуавеи.
Како одговор, Пекинг се закани со одмазда. Сепак, ако сака значително да го намали растечкиот трговски дефицит, на Комисијата ќе ѝ бидат потребни нови трговски овластувања за да го запре протокот на кинески стоки на единствениот пазар.






