Северноатлантската алијанса соопшти дека станува збор за „рутинска“ вежба која „не е поврзана со никакви актуелни светски настани“ и е замислена да „ја одржи подготвеноста и да обезбеди транспарентност“ во врска со нуклеарниот став на НАТО.
Вежбата се одржува во време на засилени тензии меѓу НАТО и Москва, откако руски авиони и беспилотни летала наводно го нарушуваа воздушниот простор на членки на Алијансата, што предизвика повици за нивно соборување.
Околу 70 авиони од 14 сојузнички земји и 2.000 војници ќе учествуваат во вежбата, а воздухопловната база Волкел во Холандија ќе служи како главен центар. Меѓу авионите се холандски борбени авиони Ф-35, како и сојузнички авиони за надзор, воздушно полнење гориво и команда и контрола. НАТО нагласи дека за време на вежбите нема да се користи боева муниција.
Значаен дел од поддршката ќе функционира и од воздухопловната база Скридструп во Данска.
Вежбите „Упорно пладне“ се однесуваат на „промовирање на транспарентноста кога и каде што е соодветно, за нашето население и поширокиот свет имаат добро разбирање за тоа што правиме“, рече Џим Стоукс, директор за нуклеарна политика на НАТО.
Според генералниот секретар на НАТО Марк Руте „тоа исто така испраќа јасен сигнал до секој потенцијален противник дека ќе можеме да ги заштитиме и одбраниме сите сојузници од сите закани“.
Тензиите дополнително се зголемија во последните денови откако Москва ги предупреди Соединетите Американски Држави да не ја снабдуваат Украина со крстосувачки ракети „томахавк“, идеја јавно изнесена од американскиот претседател Доналд Трамп. Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков истакна дека ракетите потенцијално би можеле да носат нуклеарни боеви глави, додавајќи: „Што треба да мисли Руската Федерација? Како треба да реагира Русија? Воените експерти во странство треба да го разберат тоа“.






