среда, 21 јануари 2026

Пет нови непостојани членки во Советот за безбедност на Обединетите нации

Непостојаните членки се избираат според регионален принцип.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Бахреин, Колумбија, Демократска Република Конго, Либерија и Летонија од денес се нови непостојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБ на ОН), со двегодишен мандат.

Новите непостојани членки на СБ на ОН од денес им се придружуваат на Данска, Грција, Пакистан, Панама и Сомалија, кои се непостојани членки на Советот за безбедност од 1 јануари минатата година.

Советот за безбедност на ОН има 15 членки, од кои пет се постојани со право на вето – Франција, Велика Британија, Соединетите Американски Држави, Кина и Русија, додека десет се избираат на период од две години, при што секоја година се заменуваат по пет членки.

Непостојаните членки се избираат според регионален принцип.

Во непарни години во Советот за безбедност на ОН влегуваат по една земја од Африка, Азија и Латинска Америка и две од групата западни земји, а во парни години две земји од Африка и по една од Азија, Латинска Америка и Источна Европа. Парната година е и почеток на мандатот за арапската членка.

Од новите непостојани членки, најмногу искуство има Колумбија, на која ова ѝ е осми пат да влезе во Советот за безбедност на ОН. За Демократска Република Конго ова е трет пат, за Бахреин и Либерија втор, додека Летонија никогаш досега не била членка на Советот за безбедност.

Светски рекордер е Јапонија, која била избирана во Советот за безбедност на ОН 11 пати, додека повеќе од една третина од земјите членки на ОН никогаш не биле застапени во ова тело. Меѓу нив се и Србија, Црна Гора и Македонија.

СФР Југославија четири пати била непостојана членка на Советот за безбедност на ОН, а по нејзиниот распад, како самостојни држави, членки на ова тело досега биле Словенија (1998–1999 и 2004–2006), Хрватска (2008–2009) и Босна и Херцеговина (2010–2011).

На претставниците на Алжир, Гвајана, Јужна Кореја, Сиера Леоне и Словенија на 31 декември 2025 година им заврши двегодишниот мандат.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ