среда, 15 април 2026

„Мислев дека сум прикажан како лекар“: 10 од најдобрите политички изговори досега

Од Борис Џонсон до Руди Џулијани, водечките политичари смислувале прилично креативни оправдувања за своето наводно недолично однесување, пишува Политико.

Фото: социјални мрежи

Објавено на

часот

Сподели

Доналд Трамп во понеделникот мораше да отстапи откако предизвика критики од своите евангелистички христијански сојузници кога сподели слика што изгледаше како да го прикажува него како Исус Христос што лекува болен човек.

Во типичен негов стил, Трамп не се извини за сликата, туку им рече на медиумите: „Мислев дека сум прикажан како лекар.“

Неговото објаснување предизвика потсмев на интернет — и нè натера да се потсетиме на најдобрите политички изговори досега, вели Политико.

Еве 10 од најдобрите.

„Јас не се потам“

Во 2019 година, тогашниот принц Ендру даде телевизиско интервју за Би-би-си, одговарајќи на обвинувањата дека во повеќе наврати имал сексуални односи со Вирџинија Џуфре.

Џуфре, една од жените што го обвинија осудениот сексуален престапник Џефри Епстин за експлоатација, тврдеше дека за време на една средба Ендру многу се потел додека танцувал со неа.

Ендру го негираше тоа. Потоа отиде чекор понатаму во сега веќе злогласното интервју, нудејќи, како што рече, доказ: дека во тој период не можел да се поти поради медицинска состојба, резултат на предозирање со адреналин додека служел во борба како пилот на хеликоптер за време на Фокландската војна.

Како што кажа: „Постои мал проблем со потењето, затоа што имам чудна медицинска состојба — не се потам, или барем тогаш не се потев.“

Мислел дека „е работен настан“

Да се вратиме во мај 2020 година, вели Политико, кога луѓето во Обединетото Кралство живееја под строги ограничувања поради ковидот. Семејствата беа разделени, а социјалните собири практично забранети.

Во меѓувреме, во она што подоцна беше наречено „Партигејт“, се појавија информации дека владини службеници, меѓу кои и тогашниот премиер Борис Џонсон, одржувале забави. Меѓу нив беше и забележителниот настан „сам донеси си алкохол“ во градината на Даунинг стрит на 20 мај 2020 година.

Како се бранеше Џонсон? Дека „со сигурност верувал дека тоа е работен настан.“ најблаго речено, доста необичен опис за пијана забава во градина, вели Политико.

Неговиот тогашен советник Доминик Камингс исто така предизвика гнев во 2020 година кога патуваше повеќе од 400 километри од Лондон до Дарем.

Камингс тврдеше дека патувањето било неопходно за да обезбеди нега за дете ако тој и сопругата се разболат. Но уште поголемо внимание привлече едно друго објаснување. Камингс призна дека се возел уште 30 минути до историскиот Барнард Касл за да си го „провери видот“ пред да тргне на подолгото враќање во Лондон.

Идејата дека било потребно подолго возење за да провери дали може безбедно да вози до дома стана еден од најозлогласените изговори во пандемијата.

„Гледав јазовци“

Рон Дејвис, член на кабинетот под поранешниот британски премиер Тони Блер, беше принуден да ја напушти политиката откако весникот Сан објави дека бил виден како излегува од добро познато место за барање геј-сексуални партнери на јавни места.

Дејвис, кој во тоа време беше член на велшкото собрание, првично ги негираше информациите. Но откако се појавија фотографии од него како скита по шумата, тврдеше дека бил во таа област „за да гледа јазовци“ — можеби не знаејќи дека е малку веројатно да види ноќно животно среде бел ден.

Тоа беше вторпат Дејвис да мора да поднесе оставка поради активности на отворено. Неколку години претходно се повлече како велшки секретар на Блер по инцидент што го опиша како „момент на лудило“ во Клапам Комон — уште едно популарно место за геј-потрага — каде што беше ограбен по средба со непознат.

Сакал да избегне дипломатски инцидент

Силвио Берлускони во 2010 година интервенираше преку своите соработници за да биде ослободена малолетна мароканска танчерка од полициски притвор во Милано.

За да ја оправда интервенцијата, Берлускони рече дека мислел дека 17-годишната Карима ел Махруг, позната како „Руби Крадливката на срца“, му е внука на тогашниот египетски претседател Хосни Мубарак и дека сакал да избегне дипломатски инцидент.

Но имаше еден проблем: Руби подоцна на суд изјави дека добила илјадници евра од Берлускони на забавите „бунга бунга“ што ги организирал во својата вила во Аркоре — озлогласени настани што доведоа до повеќегодишни судски постапки.

Во 2015 година највисокиот суд во Италија го ослободи Берлускони од обвиненијата за плаќање за секс со малолетничка, утврдувајќи дека поранешниот премиер во времето на нивните средби навистина верувал дека Руби има 18 години.

Човекот е по семантиката 

Во јануари 1998 година американскиот претседател Бил Клинтон се обиде да ги задуши гласините што го преплавуваа Вашингтон со, можеби, најпознатата реченица од неговото претседателување: „Немав сексуални односи со таа жена.“ Таа жена беше Моника Левински, практикантка во Белата куќа на возраст од дваесетина години.

Обидите на Клинтон да ја задуши приказната спектакуларно пропаднаа и прашањата за нивната врска доминираа на американската политичка сцена целата таа година, па и потоа. Ако претпоставиме дека неговото негирање било вистинито, неговите подоцнежни признанија сугерираа дека тоа зависело од една многу необична и тесна дефиниција на „сексуални односи“.

Неговите вештини за анализирање реченици повторно излегоа на виделина кога подоцна сведочеше пред големата порота со можеби неговата втора најпозната реченица: „Зависи од значењето на глаголот ‘е’.“ По аферата, тој стана вториот американски претседател против кого беше покренат импичмент. Сенатот го ослободи.

Работел премногу напорно

Ништо не покажува дека си „народски човек“ како… да заборавиш за кој фудбалски тим наводно навиваш и потоа вината да ја префрлиш на тоа колку напорно работиш.

Тогашниот британски премиер Дејвид Камерон даде автогол во изборната кампања во 2015 година кога во говор рече дека сака Британците да го поддржат Вест Хем.

Единствениот проблем? Камерон долго време тврдеше дека е навивач на Астон Вила.

Камерон тоа го објасни со „за момент ми се закочи мозокот“.

И инсистираше: „Јас сум навивач на Вила… мора нешто да ми го поматило умот… вакви работи понекогаш се случуваат кога си на терен.“

Неговиот друг омилен тим, Манчестер Хотспур, не бил достапен за коментар.

„Тоа што го гледав беа трактори“

Британскиот пратеник Нил Париш во парламентот беше фатен како гледа порнографија на својот телефон и во 2022 година инсистираше дека по грешка налетал на еротската содржина додека барал трактори.

„Интересно е што барав трактори и така влегов на друга веб-страница што има некако многу слично име. И погледав малку, а не требаше“, призна тој.

Сојузниците сугерираа дека тоа било нормална грешка за земјоделец од Девон што невино барал комбајни „доминатор“. Сепак, потоа се откри дека Париш повторно се вратил на страницата додека чекал да гласа, и поднесе оставка.

„Ништо во законот“ не вели дека ти треба банкарска сметка

Берти Ахерн некогаш беше недопирлива фигура во Ирска, земјата со која управуваше 11 години од 1997 до 2008 година. До 2025 година, тој беше премногу компромитиран за неговата партија Фијана Фејл воопшто да размисли да го номинира за претседател.

Клучен за неговата пропаст беше Трибуналот Махон за наводни коруптивни плаќања кон политичари. Ахерн беше испрашуван за уплати што ги направил во 1993 година, за време на неговиот мандат како министер за финансии, кои изнесувале трипати повеќе од неговиот годишен нето-приход.

Ахерн објасни дека тоа биле чекови што ги собирал во текот на шест години без банкарска сметка по разделбата со сопругата — ситуација што ја сметал за сосема нормална, дури и за чувар на државните финансии. Тој рече дека нема „ништо во законот или уставот“ што бара некој да има банкарска сметка.

„Некои луѓе си ја бојадисуваат косата жолта, некои ставаат обетки во носот… јас решив да ги уновчувам чековите, точка“, рече тој.

Ахерн беше принуден да поднесе оставка пет месеци подоцна. Во својот конечен извештај во 2012 година, трибуналот не утврди корупција кај Ахерн, но заклучи дека значителни делови од неговото сведочење биле „невистинити“.

„Ја вовлекував кошулата“

Поранешниот градоначалник на Њујорк Руди Џулијани беше фатен во компромитирачка ситуација во сатиричниот филм „Борат: Следниот филм“, дело на Саша Барон Коен — социјален експеримент со ликови претставен како документарец.

Во сцената, овој Трампов сојузник следи актерка — која се претставува како новинарка — во хотелска соба, потоа се навалува наназад на креветот и си ги става рацете во панталоните.

Според Џулијани, сепак, нештата не биле такви како што изгледаат.

„Видеото од Борат е целосна измислица. Ја вовлекував кошулата откако ја извадив опремата за снимање,“ напиша Џулијани на социјалните мрежи. „Во ниеден момент пред, за време или по интервјуто не сум бил недоличен. Ако Саша Барон Коен го тврди спротивното, тој е бесрамен лажго.“

Лото-билетите биле за внуците

Во 2023 година, поранешниот европски комесар за правда и поранешен белгиски вицепремиер Дидје Рејндерс беше под истрага поради обвинувања за перење пари. Истрагата се фокусираше на сомнежи дека купувал големи количества лото-билети и ги користел добивките за повторно да внесе „чисти“ пари во своите банкарски сметки.

Во почетокот на 2025 година, белгиските медиуми објавија дека кога еден продавач го прашал зошто купува толку многу лото-билети, Рејндерс одговорил дека се за неговите „внуци“.

Рејндерс ги негираше сите обвинувања во тековната истрага.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ