Системите за оружје со долг дострел, одбраната од воздушни напади и мобилните копнени единици имаат приоритет, а денешниот договор ќе биде на дневен ред на самитот на НАТО, што ќе се одржи во Хаг на крајот на јуни, пренесува ДПА.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, рече дека ова е „историски момент“ за Северноатлантската воена алијанса.
Програмата вклучува нови цели за воената способност на секоја членка на НАТО поединечно, секоја од 32-те земји ќе добие список на прецизно дефинирани обврски за заеднички придонес во одвраќањето и одбранбените капацитети.
Овие барања се засноваат на проценка на разузнавачите дека Русија, и покрај исцрпувачката војна во Украина, би можела да биде подготвена за војна против членка на НАТО во рок од неколку години.
Конкретните цели се строго доверливи, изворите наведуваат дека спроведувањето на програмата води до зголемување на воената способност на алијансата за околу 30 отсто.
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека за да се исполнат новите упатства, Бундесверот мора да се дополни со околу 60.000 активни војници.
Се очекува во Хаг да биде донесена одлука дека сите членки на НАТО мора да издвојат пет отсто од својот бруто домашен производ за војската во наредниот период, но исполнувањето на таа обврска ќе биде голем предизвик за многу земји, бидејќи некои не успеваат да ги исполнат ниту своите тековни обврски.
Досега членките имаа обврска да инвестираат најмалку два отсто од бруто домашниот производ во одбраната, а од самитот во Хаг тоа ќе се зголеми на 3,5 отсто, плус 1,5 отсто за сродни инвестиции, како логистика и инфраструктура.
Издвојувањето пет отсто од БДП за одбрана е барање на американскиот претседател Доналд Трамп.