Кина неодамна објави нови мерки за Тајван, вклучително и ублажување на ограничувањата за туризмот и увозот на храна, но нагласи дека нејзините корисници мора да бидат „против независноста на Тајван“. Кина го смета Тајван за своја територија и одбива да разговара со тајванскиот претседател Лаи Чинг Те.
Во последните години Пекинг го зголеми политичкиот и економскиот притисок врз одметнатиот остров, преку туризмот и увозот на храна. „Отворањето треба да биде што е можно посистематско и нормализирано од самиот почеток со цел да се одржи долгорочната стабилност на бизнисот и трговијата“, кажа претседателот на Генералната стопанска комора на Тајван Пол Хсу.
Во придружба на претставници на туристичкиот и прехранбениот сектор, Хсу, во разговор со новинарите во Тајпеј ја повика Кина да обезбеди стабилност на трговските врски, а не наизменично нагло да ги прекинува па да ги обновува.
Која политичка партија и да е на власт, Кина треба да понуди еднаков третман, особено во јужен Тајван, додаде Хсу, осврнувајќи се на упориштето на Демократската прогресивна партија на Лаи.
Кинеската канцеларија за прашања поврзани со Тајван не одговорила веднаш на барањата на Ројтерс за коментар на неговите пораки.
Пекинг објави нови мерки за Тајван на крајот од посетата на лидерката на тајванската опозиција Ченг Ли Вун, која вклучуваше средба со кинескиот претседател Си Џинпинг.
Тајванската влада треба „проактивно“ да одговори на почетните понуди на Кина, според изјавата на здружението на Хсу, кое претставува повеќе од милион компании.
Гласовите на членовите на здружението ќе одат кај оној кој е добар за индустријата на Тајван, порача Хсу, додавајќи дека тој ги претставува непартиските гласови.
„Ако презентирате добри мерки, ќе ја добиете нашата поддршка. Ако сте против нас, жал ми е, не можам да ве поддржам. Ние исто така имаме право на глас, ние сме демократско општество“, кажа тој.
Тајван ќе одржи клучни локални избори во ноември, а нови претседателски избори се закажани за почетокот на 2028 година.






