Двете страни вчера се согласија да воспостават механизми за консолидирање на траен мир и стабилност и да одржат понатамошни преговори во наредните денови за да се обезбеди одржливост на прекинот на огнот, се вели во соопштението од Катар, кој посредуваше во преговорите со Турција. Двете соседни земји меѓусебно се обвинуваат за насилство од почетокот на овој месец.
Авганистан негира дека им нуди засолниште на милитанти кои вршат напади во пограничните области.
Пакистан се бори со растечкото присуство на милитантите од 2021 година, кога талибанците ја презедоа контролата врз Авганистан и се вратија на власт.
Борбите меѓу двете земји се закануваат да го дестабилизираат регионот, каде што групи како Исламска држава и Ал Каеда се обидуваат повторно да се наметнат.
Примирјето од 48 часа, кое имаше за цел прекин на непријателствата, истече во петокот вечерта, а само неколку часа подоцна, Пакистан започна прекуграничен напад.
Исламабад наводно ги нападнал засолништата на милитантната група Хафиз Гул Бахадур.
Официјален претставник изјави дека операцијата била директен одговор на самоубиствениот бомбашки напад во воен комплекс во Мир Али, во пакистанската покраина Хајбер-Пахтунква.
Авганистанската страна соопшти дека во тие напади загинале најмалку 10 лица, меѓу кои жени и деца.
Двете земји делат граница долга 2.611 километри, позната како линија Дуранд, но Авганистан никогаш не ја призна.
Пакистан исто така го обвинува својот сосед Индија, земја која поседува нуклеарно оружје, дека поддржува вооружени групи, но не даде никакви докази за тоа.






