Не е јасно дали станува збор за тела на Палестинци што починале во притвор во Израел или израелските трупи ги зеле од Газа. Во текот на војната, израелската армија ги ископуваше мртвите барајќи тела на Израелци, заложници на Хамас, со кој војуваше.
Службениците во болницата Насер го потврдија пристигнувањето на три камиони со тела. Со тој број, досега се предадени телата на 90 Палестинци.
Според договорот за прекин на огнот, Хамас му предаде на Израел 20 израелски заложници и треба да ги предаде телата на 28 од мртвите, а досега предаде осум тела. Израел објави дека од четирите тела на заложници предадени вчера, едно не било тело на заложник.
Според договорот, Израел во понеделникот ослободи нешто помалку од 2.000 Палестинци од своите затвори, а исто така ги предава и телата.
Спогодбата за прекин на огнот предложена од американскиот претседател Доналд Трамп повикува на предавање на сите заложници, живи и мртви, до рокот што истече во понеделникот. Потоа, Хамас мора да обезбеди информации за мртвите заложници и да се обиде да ги предаде што е можно поскоро.
Хамас и Црвениот крст изјавија дека враќањето на телата на заложниците е тешко поради обемното уништување во Газа, а Хамас им кажа на посредниците за примирјето дека некои тела се во области контролирани од израелските трупи, до кои тој нема пристап.






