„Палестинските затвореници чие ослободување е планирано во размената ќе бидат ослободени кога Израел ќе добие потврда дека сите наши заложници, чие ослободување е планирано за утре, ја преминале границата со Израел“, кажа Бедросијан.
Таа додаде дека кога Израел ќе ја добие таа потврда, затворениците веќе ќе бидат во автобуси и дека ќе се упатат кон Појасот Газа кога ќе пристигне накнадната потврда дека заложниците на палестинската група Хамас влегле на израелска територија.
Израелските власти очекуваат утре наутро да почне ослободувањето на заложниците на Хамас, кои се држат во Појасот Газа повеќе од две години, една од фазите на планот за ставање крај на војната која беснее на палестинската територија од октомври 2023 година.
Хамас, според планот предложен од претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп, мора да ги ослободи преостанатите 47 заложници, живи или мртви, кои беа киднапирани на 7 октомври 2023 година, како и посмртните останки на војник загинат во 2014 година за време на претходната војна во Газа, до понеделник напладне.
„Очекуваме дека 20-те заложници кои се уште се живи ќе бидат ослободени истовремено и предадени на Црвениот крст, а потоа транспортирани во неколку возила“, додаде Бедросијан.
Заложниците ќе бидат однесени во областите на Газа контролирани од Израел, чија армија вели дека се повлекла до договорените линии во рамките на територијата во петокот, во согласност со договорот за прекин на огнот.
Потоа тие ќе бидат префрлени во базата Реим во јужен Израел, каде што повторно ќе се сретнат со своите семејства, а потоа ќе бидат префрлени во неколку болници во различни делови од земјата.
Бедросијан кажа и дека, во врска со посмртните останки на заложниците, „меѓународно тело, договорено како дел од планот, ќе помогне во наоѓањето на (мртвите) заложници доколку не бидат најдени и ослободени утре“.
Од Палестинците кои ќе бидат ослободени, 250 се уапсени „од безбедносни причини“ и осудени за антиизраелски напади, а се планира и пуштање на 1.700 Палестинци уапсени од израелската армија во Газа од почетокот на војната.






