Во октомври главната опозициска партија беше критикувана за нејзините „проблематични“ парламентарни прашања за критичната инфраструктура и вооружените сили, наводно со цел да се достават класифицирани информации до Москва.
На барање на Христијанско-демократската унија (ЦДУ/ЦСУ) и Социјалдемократската партија (СПД), членови на владејачката коалиција, Бундестагот денес дискутираше за „влијанието на односите на АфД со Русија врз безбедносните интереси на Германија“.
Пратеничките прашања на АфД внимателно ги таргетираат испораките на оружје во Украина, електроцентралите, производството на беспилотни летала и базите на Бундесверот, кажа Марк Хенрихман, претседател на комисијата за надзор на разузнавањето.
„Каква врска имаат овие детални прашања со парламентарната работа? Зарем не би сакала непријателска земја да го знае токму ова за своите непријатели? Мислам дека би сакала“, кажа конзервативниот пратеник.
Хенрихман додаде дека врските со Кремљ не можат да бидат поблиски, повикувајќи се на „проруска скриена ќелија“ во рамките на АфД и именувајќи неколку членови кои наводно учествуваат во неа.
Обвинетата партија ги отфрли „злонамерните обвинувања“.
„Доколку нешто од ова беше вистина, одамна ќе нè затворевте“, кажа заменик-претседателот на парламентарната група на АфД Маркус Фронмаер.
Хенрихман верува дека АфД е контролирана од Русија, повикувајќи се на стратегиски документи од Кремљ.
„Федералната влада одговори на нашите прашања, а одговорите се јавно достапни“, кажа пратеникот на АфД Стефан Којтер.
По историското второ место на федералните избори во февруари, АфД сега водат пред конзервативците на канцеларот Фридрих Мерц во неколку анкети.
Таа политичка партија (АфД) сака да ги „поткопа безбедносните интереси на Германија“, кажа пратеничката на социјалдемократите Соња Ајведа, оценувајќи дека партијата „претставува реална опасност за демократијата на земјата“.
Парламентарната дебата се фокусираше и на плановите на пратеници на крајната десница да патуваат во Русија.
Фронмаер ја објави својата намера да ја посети Русија напролет, наведувајќи ја потребата од одржување отворен дијалог со Москва, пред да се откаже.
Русија, без да се понудат какви било докази, е обвинета за голема кампања на шпионажа, дезинформации и саботажа во Германија и на други места во Европа.






