„Навистина постигнавте силен напредок во клучните реформи. Благодарение на тоа, драго ми е што можам да ја објавам исплатата на 100 милиони евра. Сега станува збор за имплементацијата и знам дека сте на вистинскиот пат, ова е начинот Албанија да пристапи до сите средства во рамките на Планот за раст, што е блиску до една милијарда“, кажа таа на прес-конференција по средбата со премиерот Еди Рама.
Таа кажа дека Планот за раст за Западен Балкан овозможува пристап до единствениот пазар и носи нови инвестиции од ЕУ во замена за клучните реформи.
Таа објави и дека роамингот меѓу Албанија и ЕУ ќе биде укинат следната година, велејќи дека тоа ќе биде добро за бизнисот, туризмот и зближувањето на луѓето.
Коментирајќи го системот СЕПА, таа кажа дека од минатата недела трансферот на пари помеѓу Албанија и ЕУ е побезбеден и поевтин, што го посочи како голема предност за граѓаните и компаниите.
„Пораката е многу јасна – Албанија е на вистинскиот пат кон ЕУ. Сакам да истакнам дека во последните три до четири години има зачудувачко и извонредно зголемување на брзината на напредокот“, додаде таа и најави отворање еден кластер со Албанија оваа есен.
„Геополитичкиот момент е сега. Руската агресија против Украина го преобликува нашиот континент, секоја европска земја мора да го избере своето место, а Албанија јасно го направи својот избор“, додаде таа.
Рама кажа дека Фон дер Лаен и Европската комисија посветуваат посебно внимание на земјите од Западен Балкан и нивната европска интеграција и додаде дека со претседателката на Комисијата разговарал за интеграцијата на Албанија во ЕУ, соработката во регионот и зајакнувањето на безбедноста, Планот за раст за Западен Балкан и војната во Украина.
„Претседателката и актуелната Европска комисија обрнуваат посебно внимание на земјите од Западен Балкан. Во оваа смисла, разговаравме за процесот на интеграција, кој напредува многу брзо и успешно. Разговаравме и за новиот План за раст што ЕК го стави на располагање на Западен Балкан. Многу ми е мило што добивме позитивна оценка од претседателката и за ова прашање и ќе продолжиме да ги исполнуваме нашите обврски со посветеност и упорност“, кажа Рама.
Кога станува збор за Украина, тие се согласиле дека Украина треба да биде поддржана без никакви резерви, кажа Рама.
Тој изрази благодарност до Европската комисија, „бидејќи напредокот на процесот на преговори не би изгледал вака без поддршката на Комисијата“.
„Секако, ѝ благодарам на Урсула фон дер Лаен не само што повторно се враќа во Албанија, туку и што остана непоколеблива во поддршката на европската интеграција на Албанија“, кажа Рама.
По пристигнувањето во Тирана Фон дер Лаен изрази задоволство што ја започнува својата годишна турнеја низ Западен Балкан во главниот град на Албанија.
„Албанија е на правиот пат кон членство во Европската Унија. Во изминатите три години е постигнат рекорден напредок. Подготвени сме да ве поддржиме на секој чекор од патот“, објави таа на социјалната мрежа Икс.
Во зградата на Претседателството во Тирана, претседателката на Комисијата беше пречекана од претседателот на Албанија Бајрам Бегај.






