„Има време за тоа“, изјави Додик во интервју за бањалучки „Глас на Српска“.
Тој изјави дека „не му верува на Сараево и дека градот сега дефинитивно му е туѓ“.
„За жал, сè уште мора да ги трпиме нив, а тие само се преправаат дека се држава. Се покажа дека политичките бошњачки елити немаат способност да создадат нешто. Дури ни мултиетничка или унитарна држава. Тие знаат само да бидат поданици и полтрони“, оцени Додик.
Според него, Дејтонскиот договор е неуспешен и додаде дека „нема потреба да се брани Дејтонскиот договор, од кој останале само некои контури“.
„Голем број луѓе во Америка кои сега се на власт апсолутно не сакаат ништо да имаат со наследството на демократите и го сметаат Дејтон за производ на демократите. Тие можат да разберат што се случува тука, дека муслиманите се обидуваат да ги направат христијаните малцинство, дека хрватската компонента се распрснува, а српската компонента е нападната“, оцени лидерот на СНСД.
На прашањето зошто референдум за пресудата на Судот на Босна и Херцеговина (БиХ) против него и одлуките на високиот претставник Кристијан Шмит нема да се одржи на 25 октомври, како што беше предвидено со одлуките на Народното собрание, Додик рече дека парламентот на РС мора да назначи комисија за спроведување на референдумот, на кој, како што оцени, Бошњаците ќе стават вето, поради што сè повторно мора да оди во Уставниот суд на РС.
„Бараме механизам за да го избегнеме тоа, но јас ќе останам доследен во мојот став дека на овој народ му е потребен референдум за отфрлање на Шмит и практиката на меѓународен интервенционизам. И тоа ќе се случи, веројатно на 9 јануари. Тој референдум ќе има историска сила“, рече тој.
Во врска со патот на БиХ кон Европската Унија (ЕУ), Додик рече дека не гледа иднина на таа страна.
„Но, имаме некои константи. Опкружени сме со ЕУ и НАТО и тој западен свет, но мислам дека ЕУ што ја знаевме пред пет години повеќе не постои. Ниту пак онаа што ја знаеме денес ќе постои за пет години“, рече тој.
Тој додаде дека РС ќе ги избере своите соговорници во БиХ на европскиот пат.
„Не можеме да разговараме за тоа со оние кои сега се во Сараево. Тие ги узурпираат сите институции и велат дека ова е БиХ. Ова не е БиХ. Им раскажуваат на странците само една приказна, а тие ги слушаат и се однесуваат на тој начин, мислејќи дека ова е БиХ. Клучната грешка е токму тоа. Сепак, и странците разбираат какво мочуриште е БиХ“, рече Додик.
Според неговите зборови, „или ќе исчезне Босна или Република Српска“.






