Иницијативата е моделирана според Мултилатералната агенција за гаранции за инвестиции (МАГИ) на Светската банка и има за цел да се справи со прашањата кои ги отворија промените во глобалните инвестициски текови поради економската политика на Соединетите Американски Држави, изјавија два извори под услов да останат анонимни.
Бразилските претставници го сметаат фондот за клучна точка на финансиската агенда на БРИКС за време на претседателството со групата и ќе биде споменат во заедничка изјава на самитот на БРИКС во Рио де Жанеиро, според изворите.
Групата БРИКС е формирана од Бразил, Русија, Индија и Кина, а подоцна ѝ се придружи и Јужноафриканската Република. Во изминатата година, кругот на членови се прошири и ги вклучи Египет, Етиопија, Иран, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Индонезија.
Предложениот механизам на Мултилатералната гаранција на БРИКС, во рамките на НБР, доби техничка дозвола од членовите и чека конечно зелено светло од министрите за финансии на БРИКС, што се смета за чиста формалност, според еден од изворите.
Бразилското министерство за финансии одби да коментира за наводите за основањето на фондот.
Во тековната фаза, иницијативата нема да бара дополнителни средства од членките, туку ќе биде финансирана со пари од Новата банка за развој.
Првичната вредност на фондот не е објавена, но официјалните лица кои учествуваат во преговорите очекуваат дека еден долар гаранции на НБР ќе мобилизира помеѓу пет и десет долари приватен капитал за одобрени проекти.
„Инструментот за гаранција е политички важен, испраќа порака дека БРИКС е активен, работи на решенија, ја зајакнува НБР и одговара на потребите на денешниот свет“, кажа еден од изворите.
Техничките подготовки за основањето на фондот треба да бидат завршени до крајот на годината, а гаранциите треба да започнат за пилот проекти следната година.
Членките на БРИКС се борат да привлечат значителни приватни инвестиции во проекти поврзани со инфраструктурата, климатската адаптација и одржливиот развој, а официјалните лица веруваат дека гаранциите на НБР, чиј кредитен рејтинг е повисок од оној на повеќето од нив, би можеле да ги ублажат ризиците за институционалните инвеститори и комерцијалните банки, пишува Ројтерс.