„Мораме да разговараме со Русија затоа што мора да ја завршиме војната во Украина“, кажа тој на саемот на книгата во Франкфурт. „Мислам дека мора да разговараме со Русите, но дијалогот мора да се базира на сила“, порача Столтенберг.
За да се создадат услови за преговори, Западот мора да продолжи да ја поддржува Украина: политички, финансиски и воено. Поинаку не може да се постигне мир, што би ѝ овозможило на Украина да остане слободна земја, додаде тој. „Ако и кога (рускиот претседател Владимир) Путин ќе сфати дека нема да победи на бојното поле, тогаш ќе седне и ќе преговара за договор според кој Украина останува слободна, независна земја“, смета тој.
Столтенберг на саемот на книгата разговараше со Марија Реса, филипинска добитничка на Нобелова награда за мир, која предупреди против дезинформациските кампањи на интернет и социјалните мрежи. „Мајката на сите битки денес е интегритетот на информациите“, кажа истражувачката новинарка. Овој вид битка се води „во вашиот џеб“, кажа таа, покажувајќи го својот паметен телефон.






