сабота, 19 април 2025

Би-би-си: Кина тргна во офанзива

Кина започна дипломатска офанзива во Југоисточна Азија во екот на трговската војна со САД, анализира Би-би-си.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Кинескиот претседател Си Џинпинг пристигна во Виетнам, каде што се состана со највисоките државни функционери, вклучувајќи го и лидерот на Комунистичката партија То Лам и премиерот Фам Мин Чин.

Во разговорите со виетнамското раководство, Си повика на заедничко противење на „едностраното малтретирање“ со цел, како што рече, да се зачува глобалниот систем за слободна трговија, според кинеската државна новинска агенција Ксинхуа.

За време на посетата, двете земји потпишаа дури 45 договори, кои опфаќаат широк опсег на области, вклучувајќи синџири на снабдување, изградба на инфраструктура и вештачка интелигенција. Си наскоро заминува од Виетнам за Малезија, а во текот на неделата ќе ја посети и Камбоџа.

Посетата доаѓа во чувствителен период за целиот регион на Југоисточна Азија, кој е под зголемен трговски притисок од Вашингтон. Пред само неколку дена, САД најавија 90-дневна пауза во воведувањето на новите царини, кои дотогаш достигнаа и до 49 отсто на извозот од некои земји во регионот. Во исто време, царина од дури 145 отсто веќе е воведена за најголемиот дел од кинескиот извоз во САД.

Патувањето на Си Џинпинг во Југоисточна Азија е дел од пошироката стратегија на Пекинг за консолидирање на своето влијание во регионот во време кога трговските и политичките односи меѓу Кина и САД се сè позатегнати. Кина традиционално има силни економски врски со земјите од АСЕАН, регионален сојуз кој обединува десет земји од Југоисточна Азија, и токму тие сега се под зголемен притисок да застанат на страната на САД.

Американскиот претседател Доналд Трамп, кој се врати на чело на САД, ја зајакна царинската политика што започна за време на неговиот прв мандат. Во тој период, бројни кинески компании го префрлија производството во земји како Виетнам и Камбоџа со цел да ги заобиколат американските царини. Денеска се проценува дека четвртина од извозот на Кина оди преку трети земји.

Но, овие земји, исто така, сега влегуваат во свои трговски разговори со Вашингтон, Пекинг стравува дека САД би можеле да ги искористат тие разговори за да ги убедат или принудат, како што го нарекува Кина, да ги „малтретираат“ да се согласат со услови што ќе ја исклучат Кина од синџирите на снабдување.

За многу земји во регионот тоа би било тежок удар. На пример, извозот во САД сочинува околу 30 отсто од БДП на Виетнам. Губењето на пристапот до американскиот пазар би било сериозен економски проблем.

Затоа Си започна дипломатска офанзива, сакајќи да излезе пред Америка и да ги убеди соседите дека Кина е стабилен и вреден економски партнер. За време на неодамнешната конференција за надворешната политика на Кина кон соседните земји, тој истакна дека односите со Југоисточна Азија се „клучна основа за развојот и просперитетот на Кина“.

Се активираше и кинеското Министерство за надворешни работи. Портпаролот Лин Џијан минатата недела рече дека Кина и земјите од Југоисточна Азија се „добри соседи, пријатели и партнери кои делат заедничка судбина“, пренесе Ксинхуа.

Друг адут во рацете на Си се кинеските инвестиции во регионалната инфраструктура, особено во железничките проекти. За разлика од САД, кои неодамна го намалија буџетот на Агенцијата за меѓународен развој (УСАИД), Кина го истакнува својот финансиски и инфраструктурен придонес во регионот.

Во овој сè поотворен економски натпревар меѓу Пекинг и Вашингтон, Си Џинпинг сака земјите од регионот јасно да препознаат која страна ќе ја изберат и колку тој избор би можел да ги чини.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ