На седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации закажана за 31 октомври, на која ќе се разгледа ситуацијата во Босна и Херцеговина врз основа на шестмесечниот извештај доставен до тоа тело од страна на високиот претставник на меѓународната заедница за БиХ, се очекува и гласање за продолжување на мандатот на мисијата Алтеа, воспоставена во 2004 година.
Во тоа време, членовите на Еуфор го презедоа од НАТО, односно неговите Сили за стабилизација (Сфор), мандатот за зачувување на безбедна и стабилна средина во Босна и Херцеговина.
Оттогаш, Советот за безбедност на ОН секоја година донесува одлука за продолжување на мандатот на Еуфор, што досега беше рутинска постапка.
Но, додека во БиХ претходно оваа година ескалираше криза предизвикана од одлуките на Додик да го поттикне донесувањето закони на ниво на Република Српска со кои ќе се забрани работењето на државните судски органи и полициските агенции во тој ентитет, тој одлучи да го проблематизира и присуството на воените сили на ЕУ.
Тој ги смета воените сили на ЕУ за окупатори, најавувајќи дека ќе ги искористи своите врски со рускиот лидер Владимир Путин и ќе го замоли да стави вето на продолжувањето на мандатот на Еуфор.






