Италија ја победи Англија на Вембли и стана европски шампион, Англичаните кои како предвреме да почнаа да ја слават титулата, не успеаа да испишат историја.
Тимот на Роберто Манчини одигра одлично Европско првенство и сосема заслужено се качи на континенталниот трон.
Финалето имаше фуриозен старт, Англија поведе уште во втората минута од натпреварот. По асистенција од Трипие, Лук Шо постигна убав гол за водство од 1-0. Тоа беше најраниот гол во финалињата од Европските првенства.
Англичаните го имаа воведниот дел, но како одминуваше натпреварот Италијаните се совземаа и почнуваа да доминираат во поседот на топката обидувајќи се да креираат шанси за гол.
Во првото полувреме двапати се заканија, еднаш преку Кијеза со удар од далечина, и еден удар на Имобиле беше блокиран.
Италија ја зголеми доминацијата во второто полувреме, Англија го бранеше водството.
Следуваа шанси на Кијеза и Верати, а кога дојде 67. минута Бонучи најдобро се снајде во една мешаница и постигна гол за израмнување.
До крајот на регуларниот дел Италија продолжи да доминира, но ниту на едната, ниту на другата страна немаше сериозни шанси за гол. Натпреварот отиде во продолженија.
Во 103. минута Италија имаше добра шанса, Емерсон нафрли остро, таму беше Бернардески, но Пикфорд одлично интервенираше пред него.
Немаше погодок во продолженијата, па пеналите требаше да го решат победникот на Европското првенство.
Берарди и Кејн погодија во првата серија, а потоа Белоти промаши за Италија, а Мегваер реализираше за предност на Англичаните.
Но потоа до крајот тројцата фудбалери за Англија кои шутираа, промашија, Рашфорд, Санчо и Сака. Донарума искочи херој во пенал рулетот, а Италија ја слави титулата.
Италија заслужено се радува на големиот трофеј, а Англија во некоја друга прилика ќе се обиде да го „врати фудбалот дома“.






